Што е имобилајзер и зошто постои
Имобилајзерот е електронска брава што седи помеѓу клучот и моторот. Во главата на клучот има мал чип (транспондер), а околу бравата за палење има антена што го чита тој чип во моментот кога вртите.
Ако кодот што го враќа чипот не се совпадне со тоа што го очекува компјутерот, возилото едноставно нема да дозволи гориво и искра. Тоа е причината зошто моторот се врти но не фаќа, или пали за секунда и веднаш гасне.
Оваа заштита е задолжителна на новите автомобили во Европа од средината на 90-тите години и токму таа го направи крадењето на автомобил „со жица“ практично невозможно.
Четирите најчести причини, по редослед
1. Испразнета батерија во клучот. Кај далечинските и особено кај смарт (keyless) клучевите, слаба батерија значи дека возилото не го „гледа“ клучот. Кај повеќето модели постои резервен начин на палење, обично со приближување на клучот до одредено место на воланот или бравата.
2. Оштетен или одврзан чип. Чипот е ситна стаклена или керамичка капсула. Паѓање на клучот на плочки, влага или силен удар може да го оштети, а по одредени интервенции чипот може да биде избришан од меморијата на возилото.
3. Погрешно изработен дупликат. Ова е најчестата „скриена“ причина. Клучот е совршено исечен и ја отвора вратата, но никогаш не бил кодиран, па за возилото тој клуч не постои.
4. Дефект на бравата за палење или антената. Поретко, но се случува. Тогаш проблемот не е во клучот воопшто и се препознава по тоа што ниту еден клуч не работи.
Како сами да проверите за две минути
Прво пробајте со резервниот клуч ако го имате. Ако резервниот пали, вашиот прв клуч е проблемот и станува збор за чип или батерија, не за возилото.
Потоа погледнете ја контролната ламбичка на инструмент таблата, обично автомобилче со катанец или клуч. Ако таа ламбичка трепка постојано откако ќе го свртите клучот, возилото активно го одбива клучот, што е јасен знак за имобилајзер.
Ако ламбичката се гаси нормално, а моторот сепак не пали, тогаш барајте на друга страна - акумулатор, анласер или гориво. Тоа веќе не е работа за клучар.